|
3.7 MB
Свети Арангел (Архангел) 12 Век - Манастир - Варош, Прилеп
Сплотен и вгнезден во величенствениот гранитен камен над прилепскиот Варош, манастирот Св. Архангел се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија.
Манастирскиот комплекс се состои од црквата посветена на свети Архангел и манастирските конаци коишто, изградени во XIX век од страна на прилепските еснафи, важат за пример на убавата стара градска архитектура. Во нив денес постои монашки живот. Во манастирскиот двор се наоѓа и светиот извор со лековита вода, посветен на света Богородица. Како негов ден се празнува првиот петок по Велигденските празници.
Во манастирот, во неговиот двор и на тремот од црквата, откриени се траги од античко време. Исто така, на северниот каменен монолитен столб од споменатиот трем, се забележува натпис испишан со кирилски букви. Овој натпис, во кој се споменува смртта на Андреа, потекнува од 996 година и е втор по старост пронајден словенски натпис со кирилски букви. Најстариот е оној што бил врежан на надгробната плоча на родителите на цар Самоил. Тој е откриен во Преспа, а потекнува од 993 година.
Црквата Св. Архангел е еднокорабна градба со полукружна апсида на исток и отворен трем со камбанарија на западната страна. Својот денешен изглед, во голема мера, таа го добила во 1861 година, кога била обновена. Се претпоставува дека првичната црква била изградена во втората половина на XII век. За нејзиното подигање, како и за подоцнежните обновувања и доградби, постојат различни мислења и тези околу кои полемизира научната јавност.
Во внатрешноста на овој божји храм, во наосот, пронајдени се остатоци од фрески на кои биле претставени ликови на архиереи и остатоци од ѕид со фрески со насликани владетелски портрети. Се претпоставува дека тие, како и фрагментите од живописот од олтарната апсида и нишите од проскомидијата и ѓакониконот, потекнуваат од XII век. Во западниот дел на црквата откриен е и портретот на нејзиниот ктитор, монахот Јован.
Меѓу народот кружи легендата дека манастирот е изграден од страна на Крале Марко и неговиот татко Волкашин. За ова зборува и песната Волкашин и Марко.
Но, поради тоа што Марко ги градел црквите со големи зулуми, манастирот го фатила клетва и тој се разурнал. Една вечер на чесната жена Марија и дошол на сон свети Архангел и и наредил да го подигне манастирот. Така, легендата раскажува дека во 1861 година тој повторно бил обновен, а во работата на чесната Марија и помогнал народот варошки и прилепски.
|
|
|
|