|
3.6 MB
Пелистер - Национален парк
200 годишно Моликово стебло кое може да го видите на панорамата. Пелистер е името на највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2601 метар надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Република Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Според планинскиот врв Пелистер, е именуван и најстариот национален парк во Македонија кој го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.
Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древно (античко) македонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“.
Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 12.500 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно добро во Република Македонија. Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601 m). Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.
Со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како “Горски Очи”.
Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во вегетацијата на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - автохтон вид на петоигличест бор со терциерна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.
Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се локални ендемити. Од 'рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влечуги, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).
|
|
|
|