|
1.5 MB
КАНЕО - ЦРКВА Св. Јован Богослов
Градена е и сликана кон крајот на XIII век. Ктиторот на црквата и сликарите на фреските не се познати. Архитектурата е мошне значајна за проучувањето на средновековните споменици на Охрид, затоа што претставува успешна комбинација од византиски и ерменски елементи.
Црквата се наоѓа на едно од најубавите места на брегот на Охридското езеро. Изградена е на висока стена во стариот дел на Охрид, над некогашната рибарска населба Канео (на латински значи: се белее, блескоти). По називот на населбата Канео е позната и средновековната црква Св. Јован Богослов од XIII век.
Првобитниот изглед на црквата Св. Јовен - Канео, еден од симболите на древниот Охрид, н е вратен по конзерваторските работи во 1963 и 1964 година, кога беше урната припратата со камбанаријата, кои беа доградени во XIX век. Тогаш беа откриени фреските во кубето.
Фреските се зачувани во кубето и во олтарниот простор. Тие прилично се оштетени. Причина за тоа е што, црквата подолг период меѓу XVII и XIX век била делумно разурната и напуштена.
Тогаш поголем дел од фреските биле уништени и засекогаш загубени.
Секако, од посебно иконографско значење за сликарството во црквата Св. Јован - Канео е заедничкото прикажување на св. Климент Охридски, на охридскиот архиепископ Константин Кавасила и на првиот ранохристијански мисионер во овие краишта во III век Еразмо Лихнидски.
Фреските во Св. Јован - Канео се дело на група зографи кои ја продолжиле уметничката традиција на епохата на Комнените. По своите архаични особености и монашки карактер ова сликарство останало настрана од новите стремежи во средновековната уметност до кои дошло со појавата на ренесансата на палеолозите, која почнала во Охрид, со сликарството во црквата Св. Богородица Перивлепта.
|
|
|
|