|
1.5 MB
ПЛАОШНИК - КЛИМЕНТОВИОТ МАНАСТИР СВЕТИТЕ КЛИМЕНТ И ПАНТЕЛЕЈМОН
Во близина на ранохристијанската епископска базилика во месноста Плаошник, на 11 август 2002 година свечено беше осветен новоизградениот храм Светите Климент и Пантелејмон.
текст за легенда:
Новоизградената манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон според проектот на Тања Паскали од Заводот и Музеј на Охрид.
Археолозите на Заводот и Музеј на Охрид планираат во Плаошник да ги продолжат ископувањата во текот на XXI век. Тие овој комплекс го сметаат за еден од најзначајните археолошки локалитети во Охрид и во Македонија и за едно од најсветите места кај целиот Словенски род.
Плаошник во Охрид е археолошки локалитет кој припаѓа на разни периоди кои можат да се поделат на: Климентов, Предклиментов и Поклиментов период.
По 530 години овде повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски, прв словенски епископ во 893 год. и основоположник на Македонската православна црква.
Овде се наоѓала Охридската школа, жариште на словенската писменост и култура. Овде Климент Охридски, прв писател меѓу македонските Словени, ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и "Пофалното слово за Кирил", ремек -дело на средновековната словенска книжевност.
Меѓу археолошките остатоци во Климетовата црква Св. Пантелејмон се наоѓа и гробницата на свети Климент Охридски. Според житието на архиепископот Теофилакт за Климент Охридски, големиот словенски просветител оваа гробница ја направил со своја рака во која бил погребан во 916 година.
Народното предание дека на ова место постои Климентова црква и неговата гробница, беше потврдено по првите археолошки ископувања во 1943 година, кога проф. Димче Коцо ги откри темелите на Климентовата црква и во исто време и гробницата на св. Климент Охридски.
Врз темелите на ранохристијанската базилика, од која се зачувани остатоци, била изградена црква со триконхална форма (лист на детелина), архитектонски облици какви што биле негувани во Климентовото и Наумовото време. Црквата била обновена во XII век, а потоа уште еднаш во XIII век. Понатака кон оваа црква биле доградувани капели, а во XIV век припрата и надворешна припрата со камбанарија.
Фреските од првобитната Климентова црква од IX век не се зачувани. Фрагментите на пронајдените фрески, во текот на археолошките истражувања, им припаѓаат на три различни периоди на обновувањето и проширувањето на Климентовиот манастир.
По доаѓањето на Османлиите, Климентовата црква била претворена во џамија, позната под називот Имарет џамија, која повеќе не постои. Врз археолошките остатоци на најстариот словенски манастир Св. Пантелејмон, кој во 893 година го изградил св. Климент Охридски, се наоѓа новоизградениот храм.
Завршните ископувања во Плаошник во Охрид, археологот Маленко ги почна есента 1999 година по отстранувањето на остатоците на Имарет џамија. Целта беше да се овозможат услови за возобновувањето на Светиклиментовиот храм.
Тогаш археологот Маленко ја откри крстилницата на петтокорабната базилика со кукасти крстови (свастики) на мозаичните подови кои потекнуваат од периодот меѓу IV и VI век. Се претпоставува дека ова ранохристијанска базилика во Плаошник врз која бил изграден Климентовиот манастир во IX век била посветена на Апостол Павле. Во Лихнид, денешен Охрид апостолот Павле Христијанството го проповедал во I век од нашата ера.
|
|
|
|