|
2.4 MB
Маркови Кули
Северозападно од градот Прилеп, на северниот дел над Варош, се издига месноста Маркови Кули, еден од најживописните средновековни градови - тврдини во Македонија. Претставува 120 - 180 метри висок рид, опкружен со стрмни падини покриени со монументални гранитни карпи. До горниот дел од некогашната населба може да се дојде од нејзиниот северен и јужен дел.
Низ четиридецениските археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика.
Обѕидието на овој терен потекнува од XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени од послаб варовен малтер и се потпираат на големите варовни карпи.
Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко. Сложената основа на влезниот портал говори за повеќе доградувања и реконструкции на просторот. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници.
Населбата била сместена јужно од акрополата, расположена на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули.
Најдолниот појас на обѕидието се состои од низа куси ѕидови влечени во искрќена линија. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век, овој дел служел како привремено прибежиште на околните жители од турската наезда.
По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Жителите на некогашната населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули, се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, име под кое и ден денес таа постои.
|
|
|
|