English



Скопје
Битола
Ресен (Преспа)
Охрид (УНЕСКО)
>>Св. Наум
Струга
Куманово
Крива Паланка
Струмица
Крушево
Радовиш
Прилеп
Дебар
Штип
Стоби
Виница
Маврово
Берово

Торонто

360 Македонска продавница, дуќан, сувенири, скулптури...
Скулптури (Лиен Камен)
Сувенири
Привезоци


Почетна > Ресен (Преспа) и околија > Курбиново - Црква Св. Ѓорѓи 1191 година (12 в.) Испрати на својот пријател


Курбиново - Црква Св. Ѓорѓи 1191 година (12 в.)


На магистралниот пат Битола - Ресен, некогашниот римски "Виа Егнатиа", кај крстосницата "Маказа", се одделува пат за преспанските села, под планината Баба позната уште и како Пелистер, и тие на самиот брег на езерото. Кај селото Асамати, пак, патот се дели и еден крак води кон селото Курбиново, познато со својот манастир, односно црква посветена на св. Ѓорѓи. Црквата се наоѓа на околу три километри над селото, во пазувите на Баба. Околината низ која минува патот, кој е одвај 4- метра, не е толку живописна, колку величествениот поглед кон планината и особено панорамата на волшебното и речиси секогаш мирното Преспанско Езеро. Црквата "Св. Ѓорѓи" е една мала и неугледна, еднокорабна градба која, оддалеку, и не се познава дека е црква се додека не и се приближите и не го здогледате олтарот на источната страна. Таа е изградена во 1191 година (12 в.), што се гледа од натписот над олтарот. Според науката, тоа е времето на владеењето на Комненовците со Византија, кога во црковното градителство доминира разнообразност на архитектурните форми на цркви, особено, еднокорабни со едно или дури пет кубиња и тоа се смета за чиста Цариградска концепција, или измешана со "провинциски" комбинации. Курбиново не се одликува толку со архитектурата, туку со извонредниот живопис. Тој, освен чисто Цариградски елементи во претставувањето на монументално замислениот иконографски распоред на живописот, во одделни композиции или фигури, има внесено нови елементи, што во престолнината Цариград и надвор од него, никаде не е толку изразито предаден како во Македонија. Тоа е чувството за реалноста на внатрешните доживувања на личностите во драматичните сцени, како што се страдањата на Христос. И тоа, во Нерези, кој е речиси современик на Курбиново изразени силно, во Св. Софија во Охрид - делумно, но во црквата "Св. Ѓорги" во Курбиново, тоа претставува доминантен елемент. Тука, линеаризмот на Комненовскиот стил во уметноста, е плод (бездруго), на разбирањата на домашните зографи и тоа минува во фаза на барокна подвижност. И тоа не преставува пречка да се изразат најсилните внатрешни доживувања, што за целата византиска уметност значи откривање на нови простори во уметноста. Цариградската рафинираност на боите, неповторливиот топол колорит и воздржаната мерка на спиритуализирање на ликовите, на пример во Нерези, што го издигаат во редот на најважните споменици на византиската уметност, воопшто, веднаш по него доаѓа токму Курбиново. Но тука, во Курбиново, Цариградската концепција на моменти се губи и надвладува таков линеаризам и форми, што повеќе и одговараат на "провинцијата", а тоа е специфично за месните мајстори. Тоа се гледа и во издолжените и мускулатурни фигури, со посебна елеганција, но и со мошне компликуваните драперии, кои дури се прозрачни, карактеристика за ова мошне значајно сликарство. Некои композиции: "Вознесение" , "Благовештение" и "Средбата на Марија и Елисавета" го вклучуваат живописот од Курбиново во првиот ред на византиското сликарство, воопшто. И, неминовно е, за познавачите на сликарството, дека издолженоста на фигурите, напоменуваат на тие од познатиот шпански сликар, повеќе векови подоцна, Ел Греко, а изразитата мускулатура на фигурите во делата на Микеланџело, исто така векови по Курбиново. Ваквите вредности на живописот во "Св. Ѓорги" во Курбиново ги согледува и историчарот на уметноста д-р Коста Балабанов, кој конкретно го истакнува "... разиграниот, може да се каже, барокен цртеж на малите експресивни композиции на црквата "Св. Ѓорѓи" во Курбиново на Преспа од 1191 година. "За Курбиново, и академикот Цветан Грозданов се има искажано во монографија. Сепак, за овој вреден споменик на културата, се стекнува впечаток дека не е доволно пропагиран. Пред три децении, во Охрид се одржа првиот Конгрес на историчарите на уметноста на Југославија. Во програмата беше предвидена и посета на Курбиново. Меѓутоа, малку заради пешачењето до црквата и назад до селото Курбиново, но најмногу заради големиот интерес, делегатите се задржаа повеќе од предвиденото и се случи некои делегати, место да ги посетат, според програмата и спомениците и музеите во Скопје, тие директно заминаа на Аеродром да ги фатат авионите за дома! Во 1978 г. научник од Академија на науките на СССР, клон Ленинград (Санкт Петербург), со нетрпение чекаше да го посети Курбиново. Тоа му се случило и на еден научник од Германија кој на своите домаќини, во Охрид, постојано им го спомнувал Курбиново, па покрај него и тие го запознале овој споменик од светски карактер. Неодамна една поголема група членови на асоцијацијата "Универзитет - Трета доба" - пензионери ги посетија Курбиново, но со голема тешкотија - пешачењето. Притоа, објаснувачот ја образложи вредноста на живописот, но даде и појаснување дека пред извесно време било извршено ископување крај јужниот ѕид, однадвор, и бил откриен гроб со два скелета чија должина односно височина изнесувала преку два метра! Дали тоа не е одговор на специфичната издолженост на фигурите во фреските. На крајот, треба да се нагласи дека за афирмација - поголема, на црквата во Курбиново, односно нејзиниот живопис, кај крстосницата "Маказа" да се постави големо пано, а исто такви и кај крстосницата во селото Асамати. За да стане овој локалитет подостапен за посетителите, не треба посебно да се нагласува дека треба посериозно да се размислува за вложувања во инфраструктурата.






Privacy Policy | Почетна | Соновник | Хороскоп | 360 Дуќан | Коментари | Контакт
© 2006 - 2013 Сите права се задржани 360Macedonia.com
Design & Hosting - nakka.ca